2 Chronicles 21
1 И почина Јосафат кај своите предци и беше погребан со своите предци во Давидовиот град. На негово место се зацари синот негов Јорам.
2 Неговите браќа, синови Јосафатови беа: Азарија, Јехиил, Захарија, Азарија, Михаил и Сафатија; сите тие беа синови на израелскиот цар Јосафат.
3 Нивниот татко им даде големи подароци во сребро, злато и скапоцености, заедно со утврдените градови во Јудеја, а царството му го предаде на Јорам, бидејќи тој беше првороден.
4 Јорам стапи на татковиот престол, се утврди и ги уби со меч сите свои браќа, а исто така и некои израелски началници;
5 Јорам беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим осум години;
6 тој одеше по патот на израелските цареви, како што постапуваше домот Ахавов, зашто Ахавовата ќерка му беше жена, — и го правеше, она што беше неугодно пред очите Господови.
7 Но Господ пак не сакаше да го погуби домот Давидов поради заветот, што го беше воспоставил со Давид, и поради тоа што беше ветил да му даде светилник нему и на синовите негови за сите времиња.
8 Во неговите дни Едомците се одметнаа од власта Јудина и си поставија цар.
9 Затоа Јорам тргна со своите војводи, и со сите коли свои; и станувајќи ноќе, го порази Едом, кого го беа опколиле, и началниците на колите.
10 Така Едомците им станаа постојани противници на Јудејците, до денес. Во исто време се одметна и Ливна од власта негова, зашто Го беше оставил Господ Бог на своите предци.
11 Исто така и идолски светилишта направи по горите јудејски, ги воведе во блудство ерусалимските жители и ја заведе Јудеја.
12 И му дојде писмо од пророкот Илија, во кое се велеше: „Вака говори Господ, Бог на твојот татко Давид: ‚затоа што не тргна по патиштата на татко си Јосафат и по патиштата на Аса, царот јудејски,
13 туку појде по патот на израелските цареви и ги воведе во блудство Јудеја и ерусалимските жители, како што го воведуваше во блудство домот Ахавов, па уште и браќата свои, домот на татко си, кои беа подобри од тебе, ти ги уби.
14 Затоа, еве, Господ ќе го порази со голем пораз твојот народ и синовите твои, и жените твои, и целиот имот твој,
15 а, пак, тебе, со лута болест, со болест на цревата, така што цревата ќе ти излегуваат од утробата од ден на ден.‘“
16 И го подигна Господ против Јорам духот на Филистејците и Арапите, соседи на Етиопјаните;
17 и тие се кренаа против Јудеја, навлегоа во неа и го ограбија сиот имот, што беше во домот на царот, а исто така и синовите негови, и жените негови, та не му остана друг син, освен Охозија, најмалиот од синовите негови.
18 По сето тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест.
19 Така одеше од ден на ден, а кон крајот на втората година му излегоа цревата од болеста негова и тој умре во страшни маки; и народот не запали за него благопријатни мириси како што правеше за предците негови;
20 тој беше на триесет и две години, кога стана цар, царуваше во Ерусалим осум години, и почина неоплакан; го погребаа во Давидовиот град, но не во царските гробници.